Успешен 12. ден на 13-та Школа за млади лидери на Претседателот Иванов
12. ден на Школата за млади лидери започна со предавањето на д-р Александар Митов, експерт за јавно здравје. Тој воедно беше учесник на првата Школа за млади лидери на Претседателот Иванов. Д-р Митов им го пренесе своето позитивно искуство од Школата, како и колку истата му помогнала во неговиот личен и професионален развој. Пред присутните зборуваше за моралното лидерство, за принципите и основните карактеристики.
Потоа пред присутните се обрати и д-р Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија. На огромно задоволство на учесниците таа одговори на многубројните прашања кои се однесуваа на лидерството, на жените во политиката, предизвиците низ кои таа минува во политичките процеси.
Во продолжение се одржа панел дискусија на тема „Лидерство во услови на глобални кризи“ со д-р Александар Митов, д-р Рашела Мизрахи, проф. д-р. Александар Кирјаковски и проф. д-р. Јован Донев. Панел дискусијата беше концепирана на тој начин што учесниците на Школата имаа можност да постават прашања до професорите од соодветната област од која доаѓаат и да добијат одговори на истите. Се разви темелна дискусија на различни теми, економска и енергетска криза, воената криза, актуелните политички случувања, процесот на дигитализација, актуелните општествени текови итн.
Пред учесниците се обратија и г-дин Есер Џевахир, член на бордот на директори на Cevahir и г-ѓа Ѓозде Диздар, основач на GD Global. Тие со учесниците несебично го споделија своето огромно искуство кое го стекнале во бизнис секторот. Особен акцент во предавањето ставија на лидерството на генерациите кои доаѓаат и промените кои ги носи светот. Воедно, дадоа навистина импресивни одговори на прашањата на учесниците.
Линк до објавата на ФБ на Школата
Линк до објавата на ФБ на Школата