| ОБРАЌАЊА

ОД ОБРАЌАЊАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ НА ШКОЛАТА

Претседателот Иванов, како иницијатор и покровител на Школата за млади лидери, секоја година се обраќа на учесниците на Школата. Претседателот Иванов присуствува и на други активности кои се организираат во рамките на Школата, со што им се овозможува на учесниците подобро да се запознаат и да разменат мислења со Претседателот Иванов, кој како поранешен професор, секогаш е подготвен да одоговори на нивните прашања.

Свеченото отворање на Школата за млади лидери – 2011

„…Интенцијата на ова летно школо е на едно место да се собере креативниот потенцијал на нашата држава од различните области, професии, интереси и полиња на дејствување. Вие веќе делумно сте, а во иднина сè повеќе и повеќе директно ќе бидете вклучени во донесувањето одлуки и во креирањето на македонското општество. Од вас зависи каква ќе биде иднината на нашата земја. Би сакал да ви порачам дека апсолутно сметаме на вас, и јас како претседател ќе сторам сè да помогнам да стекнете дополнителни знаења и вештини и да бидете подготвени за предизвиците што претстојат во иднина. Сите ние на одреден начин го моделираме нашето општество, нашите заедници. Од нас самите зависи нашиот личен успех, но и успехот на сите околу нас, успехот на целото општество.“

Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Охрид, 22 август 2011 година

Свеченото отворање на Школата за млади лидери – 2012

„…Лидер е оној кој одбира да застане на чело на бродот кој плови по немирни води, да го фати кормилото, носејќи нè во една извесна иднина во која што сите ќе живееме во благодет и просперитет. Затоа, ве поттикнувам да го фатите кормилото, и да водите напред, да гледате напред, да гледате во иднината. Вие сте генерација на нови технологии, на живот во глобален свет, генерација која непосредно ги чувствува глобалните проблеми. Новите медиуми, новите технологии, им овозможија на луѓето да имаат увид во сите светски случувања, но и да ја изгубат онаа поврзаност за територијата која во минатото ни создавала многу проблеми. Бидејќи кога ги поставувате границите на просторот, ги поставувате и границите во умот. Новата генерација која ги живее придобивките на глобалното поврзување, го става акцентот на потребата да се информира, да комуницира и да креира.“

Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Охрид, 20 август 2012 година

Свеченото отворање на Школата за млади лидери – 2014

„Сето ова знаење, искуство и вештини што ќе ги добиете треба да ги споделите со други, да ги пренесете, за да можеме да го менуваме животот во македонија. Македонија да биде место на успешни луѓе, луѓе кои што растат во височина. Со највисоки стандарди, највисоки критериуми и највисоки принципи. Кога растете во височина ќе се сретнете во живот, тие што исто така растат во височина. Ќе ги почуствувате сите тие потенцијали кои постојат кај секој од вас кај секој што може да придонесе да се воздигнува македонија. Македонија да биде препознатлива по луѓе кои се успешни, а и луѓе кои се добри. Затоа на етиката се посветува толку многу внимание на оваа школа. Да се биде лидер, а да не се биде етичен, тоа не е лидер. Вродено е чуството кај секој човек да препознае што е добро. Затоа бидете добри и бидете успешни, тоа ќе биде препознаено тоа ќе биде она што ќе ве одликува во животот и ќе ви носи нови успеси. Посакувам ова ваше патување на крај, да биде патување кое ќе ви го отвори новиот свет, да бидете свесни за сите предизвици со кои се соочуваме како генерација која живее во 21 век, дека секој од вас има удел во создавање на подобар и поуспешен свет.

Тоа е и пораката до вас. Бидете добри и бидете успешни. Да се гордееме со вас.“

Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Охрид, 19 август 2014 година

Свечено доделување на сертификати на учесниците на Школата за млади лидери – 2014

„Севкупниот наш успех, на државата, на институциите, на градовите, на селата, зависи од успешните поединци и каде и да сте секој пат имајте на ум дека треба да бидете успешни и да претставувате позитивен пример кој што ќе го следат и другите. Затоа ви посакувам само убави нешта, да се радувате на секој успех и да не бидете себични и да ја споделувате радоста. Колку повеќе радоста се шири толку е поголема. Научете да се радувате и на туѓиот успех, ако на другиот му се радувате и вам ќе ви се насмевнат и среќата и судбината.“

Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Скопје, 3 септември 2014 година

Свечено доделување на сертификати на учесниците на Школата за млади лидери – 2018

„Ова ви е можност да не повторувате туѓи грешки, туку да ги прескокнувате и секој пат во животот да наоѓате решенија, затоа што суштината на животот е секој пат, од секој предизвик да излегувате побогати со нови искуства, нови пријателства и нови начини на решавање на предизвиците кои постојат. Целиот ваш живот ќе биде исполнет со предизвици, со нови барања, потреби, но секој пат, за се има решение, ако постои желба да се дојде до решение.“

Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Струга, 31 август 2018 година

Свечено отворање на Школата за млади лидери – 2019

„Не е целта да се создадат луѓе кои ќе се натпреваруваат, туку да се создадат луѓе кои ќе соработуваат. Не е целта да ги научите луѓето како да меморираат, туку како да користат податоци и информации и да научат како да пристапат до базите на податоци. Не е задолжително да имате домашна задача и дома да го правите тоа што може да го правите додека сте на училиште. …Многу повеќе вредност има социјалниот капитал создаден преку вмрежување, блискост, размена на искуства.“

Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Струга, 22 февруари 2019 година

Свечено отворање на Школата за млади лидери – 2020

„Како глобални лидери се покажаа оние кои пројавија голема етичност во својата работа. Значи, тие што преставуваат пример за другите. Оние кои со своите мерки и активности, со своите тимови, укажуваат дека етиката мора да биде во прв план. Да размислуваат за солидарноста, да размислуваат за хуманоста, да размислуваат за моменталната состојба, но од етички аспект. Не да го користи моментот за да стекне свои симпатии, да победи на изборите, да стекнува профит, или да влезе во активности кои се граничат со законот. Затоа, лидерите имаат огромна одговорност, тие се водачи, тие ја даваат насоката, и нивна е, пред сѐ, етиката..“

Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов
Скопје, 5 декември 2020 година

©2022 Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов | Школа за млади лидери | Сите права задржани.